Блокирана платата во претседателскиот кабинет
Виси јануарската плата на Пендаровски и на вработените во претседателскиот кабинет. Проблем – склучениот колективен договор за повисоки примања на државните службеници од 5 проценти. Од вила водно велат, покачувањето е од сопствени средства, финансии тврди – нема пари за таа намена...

Јануарската плата во кабинетот на Претседателот Пендаровски под знак прашање. Причина е потпишаниот Колективен договор, со кој е предвидено покачување на платите само на државните службеници од 5 проценти. Иако Кабинетот во дописот до Министерството за финансии навел дека средствата се обезбедени од сопствени заштеди, од ресорот добиле студен туш – во Буџетот не се предвидени дополнителни средства за исплата на плати.
„Колективниот договор со Синдикатот предвиде покачување од 5% на плата само за државните службеници кои се вработени во Кабинетот на претседателот. Ова покачување не се однесува за претседателот, именуваните лица и посебните советници во Кабинетот. Средствата за Буџетот во 2023 година се обезбедени преку сопствени заштеди во буџетот на нашата институција и за ова не се побарани дополнителни средства од Министерството за финансии“, велат од кабинетот на претседателот.
Синдикатот на УПОЗ реагира дека министерот Бесими свесно го прекршува колективниот договор и предупреди дека е тоа кривично дело. Премиерот Ковачевски, пак, застана зад Бесими – вели, кога се потпишуваат Колективни договори треба да се внимава.
Министерот Бесими се соочува со проблем и во ресорното министерство. Откако прво најави, а потоа се повлече од намерата за зголемување на платата на вработените за 30%, тие неделава излегоа на протест. За Бесими не е спорно дека платите мора да се зголемат за да не им бега кадарот, но вели дека е потребно да се најде системско решение.
Министерот за финансии, Фатмир Бесими негираше било какви закани кон вработените во ресорот.
Марина Стојанова Тонева
