Економија

Граѓаните да внимаваат при онлајн купувањето, апелираат од Државниот пазарен инспекторат

06.02.2023 16:05

Порачуваат доколку постои каков било сомнеж или е извршена директна измама, веднаш да пријават во Државниот пазарен инспекторат.

Државниот пазарен инспекторат апелира граѓаните пред да извршат онлајн нарачка да ги проверат контакт податоците и останатите податоци за компанијата или лицето кое ги продава производите, веродостојноста на е-продавницата, да ги заштитат своите лични податоци, и да не го примаат производот без да им биде издадена фискална сметка или фактура.

Порачуваат доколку постои каков било сомнеж или е извршена директна измама, веднаш да пријават во Државниот пазарен инспекторат.

Државниот пазарен инспекторат може да постапи само доколку пријавата е поднесена за трговец кој е регистриран и издава фискална сметка, бидејќи фискалната сметка служи како доказ при постапувањето од наша страна. Доколку трговецот за кој се однесува пријавата не е регистриран, ние како институција немаме надлежност да постапуваме. Најчесто оние кои продаваат преку социјалните мрежи не се регистрирани, па заради тоа е невозможно да се пронајдат ниту пак да се постапи во согласност со поднесената пријава, велат од ДПИ.

Нагласуваат дека Државниот пазарен инспекторат нема надлежност над други меѓународни пазари надвор од територијата на земјава за да може да презема мерки за решавање на претставки за нарачки од меѓународни веб продавници.

ДПИ е надлежен за онлајн измами според Законот за е-трговија и тоа според член 7, односно за да може да постапи, трговецот треба да е регистриран на адреса поинаква од домашната, бидејќи пазарниот инспекторат нема надлежност да врши надзор во домашен односно приватен имот, посочуваат од ДПИ.