Македонија

Бектеши: Струја ќе има за сите потрошувачи, има резерви и во случај на најлошо сценарио

07.02.2023 13:02

Министерот Бектеши зборуваше за струјата, но и за зголемување на платите. Вели минималецот ќе достигне 20.500, а линеарно по 2.000 денари ќе добијат сите административци. Првиот блок од РЕК Битола исклучен поради интервенции во постројката. Нема технички проблеми, станува збор за плански прекин на производството – уверуваат надлежните. Бектеши вели има доволно струја за потрошувачите во државава...

Првиот блок на РЕК Битола не работи, три дена е затворен и ТЕЦ Осломеј. Министерот за економија Бектеши уверува дека причината е редовен ремонт. Вели струја ќе има за сите потрошувачи, има резерви и во случај на најлошо сценарио. Според економија, во земјава не се увезува електрична енергија за домаќинствата и малите потрошувачи, само за снабдувачи за слободниот пазар.

Продолжуваат субвенциите на сметките за струја, ќе изнесуваат од 600 до 800 денари. На листата добитници на државна помош се додаваат и самохрани родители кои не се евидентирани корисници на гарантирана минимална помош и корисници на право на надомест за телесно оштетување. Доколку домаќинствата заштедат струја, дополнително ќе им се намалат сметките, најави Бектеши.

Ќе има поддршка на домаќинствата за фотонапонски панели, сончеви термални колекторски системи, како и замена на ПВЦ или алуминиумски прозорци. Буџетот за енергетика годинава тежи 200 милиони денари. Министерoт за економија најави повисок минималец кој ќе изнесува 20.500 денари. Вели дека линеарно ќе се покачат платите на административците за 2.000 денари.

 

 

 

Викторија Милевска