Привршува откупот на тутунот
Нема големи промени во динамиката на откупот на тутунот во последните 20-сетина дена. До почетокот на оваа недела преземен е најголемиот дел од родот од годинешнава реколтата. Се очекува тој целосно да биде завршен пред законскиот рок, односно крајот на февруари. Просечната цена останува 288 денари за килограм...

Според Државниот инспекторат за земјоделство монополите до почетокот на оваа недела имаат преземено 20.800 тони. Досега тутунопроизводителите добија највисока просечна откупна цена од скоро 288 денари за килограм, што претставува зголемување за повеќе од 40 проценти во однос на ланската сезона.
Откуп го вршат 10 регистрирани претпријатија на 200 пунктови со 223 ваги и 216 мостри. Прогнозите се оптимистички и од инспекторатот велат дека откупот ќе биде целосно завршен пред истекот на законски предвидениот рок согласно Законот за тутун, односно до последниот ден на месец февруари.
Досега се исплатени скоро 6 милијарди денари, а тоа ќе донесе и поголеми субвенции кои се плаќаат според откупените класи. Склучени се вкупно 29.650 договори за производство што претставува зголемување од 7 проценти, а засадените површините се за 14 насто повеќе во споредба со минатогодишната реколта.
Тутунот е еден од најзначајните извезувани земјоделски производи кај нас. Учествува со 18 проценти во домашниот извоз со скоро 140 милиони евра девизен прилив и вработува над 20 илјади семејства.
Методија Трајков
