Дополнително затегање на монетарната политика
На последната седница на Комитетот за оперативна монетарна политика е донесена одлука, каматната стапка да се зголеми за дополнителни 0,5 процентни поени, сега изнесува 5,25 проценти...

Одржана беше редовната седница на Комитетот за оперативна монетарна политика. На последната седница на Комитетот за оперативна монетарна политика е донесена одлука, каматната стапка да се зголеми за дополнителни 0,5 процентни поени, сега изнесува 5,25 проценти.
„Во согласност со зголемувањето на основната каматна стапка, ќе се применува и повисока каматна стапка на кредитот преку ноќ“, велат од Народна банка.
Зголемување има и на каматните стапки на расположливите депозити преку ноќ и на седум дена, исто така за 0,5 процентни поени. Целта на потезите на Народна банка, е одржување на стабилноста на девизниот курс и стабилизирање на инфлацијата на среден рок. На седницата беше утврдено, дека остварувањата кај клучните макроекономски показатели, главно се во согласност со очекуваните.
Сепак, амбиентот за спроведување на монетарната политика и натаму е неизвесен и бара претпазливост. Вкупната инфлација, почна да забавува кон крајот на минатата година, во согласност и со намалувањето на светските цени, а се очекува дека овој тренд ќе продолжи и во тековната година. Овие каматни стапки ќе се применуваат од 15.2.2023 година.
