Економија

Пријавите од граѓаните зачестени, од Пазарната инспекција констатираат намалување на цените

09.02.2023 15:58

Министерот Бектеши тврди дека пазарната инспекција е на терен за контрола на цените, додека оттаму велат дека надлежни се само за оние производи со ограничени цени. До Пазарната инспекција постојано стигаат пријави од граѓани со забелешки за цените на прехранбените производи...

Кој треба да го контролира намалување на цените на основните прехранбени производи во маркетите?! Надлежните си ја префрлуваат топката, граѓаните го чекаат 10-процентното ветено поевтинување, по антикризните мерки за дел од производителите. Владата го посочува Државниот пазарен инспекторат како надлежен, зашто цените на голем дел од производите не се променети. Велат, тие може да постапуваат само по одлуката за ограничените маржи.

На терен инспекторите заклучно последниот месец регистрирале намалување на маслото за јадење од 21 до 46 денари за литар, од два до пет на млекото, од еден до пет денари на лебот. Велат, производителите и трговците се придржуваат до највисоката маржа. Но, на нивната адреса постојано стигнуваат поплаки од граѓани со забелешки за цените.

Компаниите да го исполнат ветувањето. Доколку има случаи на кризни профитери, ќе има иницијатива до пратениците да се донесе Закон за солидарност, а парите ќе им се дадат на граѓаните за директна поддршка, вели министерот Бектеши.

Во јануари се извршени повеќе од 1.500 надзори во трговските објекти. Констатирани се прекршоци и издадени се прекршочни платни налози во вредност од над девет милиони денари.

Александра Велинова