Две нови компании во Индустриската зона “Жабени“
Во општина Битола во фаза на изработка се документациите за дозвола на градба на турска инвестиција од прехранбената индустрија и германска компанија која планира да изработува спортски реквизити за екстремни спортови. Парцелите се купени на минатогодишниот конкурс како резултат на новиот правилник со кој се одземени околу 40-сет посто од досегашните потенцијални инвеститори кои само ги чувале парцелите...

По десет години конечно најава дека „Кронберт и Шуберт“ ќе ги добие првите интернационални производствени соседи. Во финална фаза е изработката на проектните документации за турска инвестиција од делот на прехранбената индустрија, како и на германската компанија која навестува дека ќе произведува спортски реквизити за екстремните спортови. Од Индустриската зона „Жабени“ велат дека доколку се запазат постапките за добивање на дозволи за градби до крајот на годината градежните работи ќе ги започне турскиот, а идната година и германскиот инвеститор.
На минатогодишните конкурси купени се огромните парцели кои се ослободени по воведувањето на новите правила.
Новите законски прописи многу посериозно ги обврзуваат потенцијалните инвеститори.
Инаку Индустриската зона „Жабени“ има 800.000 метри квадратни на располагање за изградба на фабрики. Со новините околу 200.000 метри квадратни се водат како парцели во сопственост на потенцијални инвеститори. Останатиот дел е во фаза на ослободување и ќе оди на нова продажба.
Стевче Митревски
