Компаниите што не ги поевтиниле производите ќе ја изгубат повластената цена на струјата
Струјата нема да има повисока цена од јули. Можно е дополнително намалување, ако продолжи производството од домашните капацитети со ова темпо, најавија надлежните. Од Економија со став-до крајот на месецов ќе се знае кои компании што добивале субвенционирана струја ќе бидат изземени од владините антикризни мерки...

Производителите на храна добија рок од најмногу 20-тина дена да ги поевтинат производите, во спротивно ќе им се укине субвенционираната струја. Ќе мора да си купуваат сами на слободниот пазар – предупреди министерот Бектеши. Ќе се чека извештајот што утврдиле инспекторите на терен, Државниот пазарен инспекторат анализите треба да ги објави до крајот на февруари. Надлежните очекуваат пад на цените на основните прехранбени производи од 7 до 13 насто.
„Во случај да нема дополнително намалување, ќе се доведеме во ситуација да се укине поддршката од страна на Владата, затоа што целта на поддршката што ја даде Владата на барање на Стопанските комори беше да се влијае во делот на намалувањето на цените на основните прехранбени производи. Ако не се намалат на процентот што е договорен помеѓу компаниите и Владата и согласно очекувањата на потрошувачите, подобро тие средства да ги дадеме на граѓаните преку различни мерки“, вели министерот Бектеши.
Бектеши не очекува од први јули да се зголеми цената на струјата, се прават анализи за начинот на пресметка, можно е ДДВ-то наместо најавените 18 да остане 10 насто, но за ова допрва ќе се разговара – велат од Економија. Во моментов сите домашни производствени капацитети се во функција и ги покриваат дневните потреби на домаќинствата и малите бизниси. Меѓу оние што повлекле струја од Европската мрежа, покрај ЕСМ и компании што ги снабдуваат потрошувачите на слободниот пазар, има и субјекти што немаат договор за снабдување, изјави Ковачевски. Но ќе се чека МЕПСО во рок од 60 дена да даде целосна информација.
„ЕСМ во неделата повлече 820 мегавати за потребните на ЕВН Хоме, кој ги снабдува домаќинствата, но во системот потоа пушти 1.020 мегавати струја за да нема проблеми со балансирањето. Не можам да кажам кој друг повлекол струја. Тоа ќе го кажат од МЕПСО во законскиот рок“, рече директорот на ЕСМ Васко Ковачевски.
На прашањето зошто и покрај намалувањето на цената на енергенсите на светските пазари и стабилното домашно производство на струја сè уште имаме кризна состојба, Бектеши и Ковачевски велат дека тоа е одлука на Владата со којашто веднаш може да се реагира со мерки за помош на граѓаните и компаниите. Министерот и директорот се децидни дека ситуацијата не се користи за манипулации и сомнителни зделки.
Сузана Фиданска-Стоевска
