Кризата најмногу ги погоди малите бизниси
За три години во Кичево затворени стотина фирми. Кризата најмногу ги погоди трговците и дуќанџиите од мал обем. Од друга страна, градот се соочува со недостиг на работници. И покрај трендот на постојано покачување на платите, младите заминуваат да работат во странство, или се недоволно квалификувани за работа во приватниот сектор...

За три години во Кичево се затворени стотина фирми. Скоро секој втор дуќан во кичевската чаршија зјае празен со натпис дека се издава.
Прво пандемијата, а потоа енергетската и економската криза, најмногу ги погоди малите бизниси, трговците и дуќанџиите од мал обем, вели претседателот на Стопанската комора во Кичево.
„Во Кичево беа затворени поприлично многу фирми, главно мали бизниси, тоа се бизниси со двајца-тројца вработени, бројката е околу 100 мали дуќани кои се затворени, можете сами да видите дека на голем број дуќани во чаршијата пишува дуќанот се издава“, вели Игор Соколески претседател на Стопанска комора Кичево
Од друга страна, градот се соочува со недостиг на работници и покрај трендот на постојано покачување на платите, младите заминуваат да работат во странство или се недоволно квалификувани за работа во приватниот сектор.
„Проблемите во приватниот сектор не се финансиски средства, бидејќи ако погледнеме добро ќе видиме дека на пазарот на труд младите не се доволно квалификувани за да работат во приватниот сектор“, додава Соколески.
На списокот во Агенцијата за вработување во Кичево има 3.750 невработени лица, 2.136 со основно образование, 971 со средно, 326 лица со високо образование, 37 магистри и 2-ца доктори на науки.
Соња Рилковска
