Се бара концесионер за Охридското Езеро
Останаа уште неколку денови за поднесување на документи за јавениот повик за давање под концесија на Охридско Езеро за стопански риболов. Концесијата ја опфаќа целата површина на езерото, освен изворите кај св. Наум и каналот „Студенчишта“. Стопанисувањето со рибниот фонд ќе биде за период во траење од шест години...

Право на учество на Јавниот повик за доделување на концесии за стопански риболов на Охридското езеро имаат правни лица кои ги исполнуваат условите и се регистрирани за дејноста рибарство, а странските правни лица треба да имаат регистрирано подружница во нашата земја.
Заинтересираните треба да достават документи за докажување на професионалната, финансиската и техничката способност и доказ за располагање со опрема за вршење на стопански риболов. Потребна е и изјава дека ќе формира рибочуварска служба со неопходниот број на лица за физичка заштита на рибите која ќе ја вршат само на риболовното подрачје „Охридско Езеро“. Во повикот се бара и банкарска гаранција за учество во постапката.
Концесијата се доделува за период од шест години. Критериум според кој ќе се врши изборот на најповолна понуда е највисокиот концесиски надоместок понуден на наддавањето. Надоместокот изнесува најмалку 9 милиони и 450 илјади денари за период од шест години и се плаќа на шест еднакви годишни рати најдоцна до 31 декември во тековната година.
Јавното отворање на понудите ќе се одржи во Министерството за земјоделство на 20 февруари 2023 година.
Методија Трајков
