Еврообврзница

Аукцијата за еврообврзницата ќе биде повторена

16.02.2023 13:11

Новото државно задолжувањето со 600 милиони евра ќе чека нов министер за правда, постапката со еврообврзницата ќе биде повторена, но сега е неизвесна каматата по која ќе биде издадена. Власта уверува дека нема негативно да се одрази на кредитниот рејтинг, ВМРО-ДПМНЕ со став-се руши угледот пред странските инвеститори...

Откажувањето на еврообврзницата нема да влијае врз кредитниот рејтинг, уверува премиерот Ковачевски. Инвеститорите се известени, аукцијата ќе биде повторена, штом ќе заврши реконструкцијата на Владата и ќе биде успешна како и претходната. Демантираше, дека министерот во оставка, Тупанчевски се налутил и затоа не го потпишал издавањето на еврообврзницата од 600 милиони евра, вели, станува збор за процедурални прашања.

„Инвеститорите беа информирани за процедуралниот аспект за издавањето на еврообврзницата со огледа на тоа дека треба потпис на министер за правда, којшто е во оставка и до изборот на новиот министер, не сакавме да правиме било какви прекршувања во постапката“, изјави премиерот Ковачевски.

Откажувањето на еврообврзницата го сруши угледот на земјата, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ. Велат пари нема, се испраќа сигнал дека државата е нестабилна, а со тоа каматите во иднина ќе бидат високи.

„Зошто министерот за правда не ги потпишал документите поради кои се откажа еврообврзницата. Дали тој има некакви информации дека парите ќе бидат злоупотребени или пак причината е лична одмазда заради неговата промена? Или е нешто трето? од друга страна зошто владата дозволи да се издаде еврообврзница во период кога се спремале промени на министри. Ова јасно покажува дека желбата да се задржи власта е огромна, па дури и по цена да се уништи државата. Сега разговараат за нови министри, нови коалициски партнери ама без пари ја оставија државата и во исто време и ја уништија иднината. Сега таа иднина е многу понеизвесна, и ќе нè чини многу поскапо“, рече Гордана Димитреиевска – КочовскаВМРО-ДПМНЕ.

Од Светска банка, посочуваат дека на пазарот постојат доволно ликвидни средства што може да се искористат на соодветен начин.

„Задачата на Светска банка, е намалување на сиромаштијата и заеднички просперитет, сакам да кажам дека постои доволно ликвидност, доволно достапни средства на пазарот, коишто можат да се искористат на соодветен начин“, посочија од Светска банка.

Каматата за еврообврзницата што пропадна беше 6,5%, а најголемиот дел од средствата беа за покривање стари долгови. Процесот се враќа од почеток и ќе чека мислење од новиот министер за правда, оти Тупанчевски не ја потпишал пред да замине.

 

Игор Панов