Стратегии за подобрување на економската писменост
Во услови на покачени цени важно е граѓаните да имаат информации како полесно да се справат со економската криза, вели министерот Бектеши. Во соработка со универзитетите се прават стратегии за подобрување на финансиската едукација. Целта е да се поттикне претприемништвото и развојот на државата...

Економска писменост за поголема едукација на населението, како граѓаните полесно да се справат со зголемувањето на цените и со енергетската криза, но и да се спречи миграцијата на младите кои бараат подобар живот и стандард. Во Тетово – економска конференција. Експертите дебатираат како финансиското образование да се искористи за поттикнување на претприемништвото и иновациите.
Идејата за овој проект е да се зголеми писменоста од економска перспектива не само за тие што се од браншата на економијата туку за сите“, изјави Орхан Цека од Институтот „Либерална алтернатива“.
„Првично да го зачуваат нивниот животен стандард, а дополнително на тоа да влијаат и во економскиот развој на државата. Кога едно семејство има базично знаење за економијата секако дека средствата што непотребно би ги трошеле би можеле да ги инвестираат за дополнителни работи кои би дале и имале додадена вредност во нашата економија“, изјави Крешник Бектеши, министер за економија.
Пред да ги едуцираме граѓаните за поголемо плаќање даноци, треба прво да ги запознаеме како да создаваат бизниси и приходи – вели ректорот на универзитетот на југоисточна Европа, Беџети.
„Како директно некого да едуцираме како даночен обврзник, пред да биде даночен обврзник, тој треба да биде бизнисмен, тој треба да остварува приходи, на основа на приходите да плаќа даноците. Ние сме се навикнале да граѓаните ги гледале како даночници“, додаде Абдулменаф Беџети, ректор на Универзитетот на Југоисточна Европа.
Учесниците заклучија дека конференцијата е значајна за промена на економскиот бизнис амбиент во земјава затоа што промените бараат усогласување на системот на образование или на економска едукација.
Андријана Ѓурческа
