Двојно повисоките сметки за струја го отежнуваат работењето на Здравствениот дом Вевчани
Енергетската криза го отежнува работењето во јавното здравство. Двојно повисоките сметки за електрична енергија во Здравствениот дом Вевчани и двете амбуланти во селата Лабуништа и Велешта негативно се одразуваат врз функционирањето. Иако Владата во септември лани најави бенефицирана цена за целото јавно здравство, здравствените институции останаа на слободниот пазар...

Двојно повисоките сметки за електрична енергија го отежнуваат работењето на Здравствениот дом Вевчани и двете амбуланти во селата Лабуништа и Велешта. Лани во јануари сметката за електрична енергија била 95.000 денари, а годинава 195.000 денари.
Од менаџментот велат ги почитуваат препораките и заштедиле 20% киловат часови, но тешко е да се сервисираат превисоките цени поради енергетската криза.
„Ние се трудиме да ги сервисираме високите сметки, но факт е дека сè уште тоа ни претставува страшно голем проблем. И перспективно мислам дека на работењето негативно ќе ни се одрази, но се надевам дека во соработка со Фондот и со Министерството за здравство ќе успееме да го решиме овој проблем“, вели Јован Стојкоски директор на Здравствен дом „Д-р. Светозар Чочороски“ Вевчани.
Иако Владата во септември лани најави бенефицирана цена за целото јавно здравство, здравствените институции останаа на слободниот пазар.
„Ние сме на слободниот пазар и со последниот тендер склучивме спогодба со ЕСМ и фактички добивката е во тоа што маржата од претходните 10% ни е намалена на 5% и колку толку мислам дека и тоа ќе влијае на нашето работење да биде поефикасно и подобро“, вели Стојкоски.
Енергетската криза го отежнува работењето на сите здравствени институции во регионот, кои се соочуваат со големи долгови и блокирани сметки.
Соња Рилковска
