Субвенции

Фирмите ќе останат без субвенционирана струја

23.02.2023 13:56

Министерот Бектеши ќе предложи укинување на мерката за субвенционирана струја за компаниите. Пресметките покажале – од 60 до 70 проценти од фирмите во прехранбената индустрија не ги намалиле цените. Бизнисмените тврдат – основните производи поевтинија, побараа само на оние кои не го почитувале договорот да им се укинат субвенциите...

Министерот за економија Бектеши најави дека ќе предложи укинување на мерката за субвенционираната струја за компаниите. Ваквиот потег следува откако спроведените анализи покажале дека 60 до 70 проценти од фирмите од прехранбениот сектор кои ја користат оваа мерка не ги намалиле цените и не го испочитувале договореното. Напротив, ги задржале истите цени кои биле и пред да стапи во сила одлуката за субвенционирање на електрична енергија.

Министерството за економија работи на дизајнирање нови мерки. Ќе се укине мерката за субвенционирање на струја за компаниите. Сепак, мерката ќе остане да важи за училиштата и за јавните комунални претпријатија.

Оние компании кои ја почитувале мерката и ги намалиле цените, бараат надлежните да не ги казнуваат сите, односно субвенциите да им се укинат само на они кои не го испочитувале договореното.

Граѓаните со кои поразговаравме, пак, се жалат дека цените сè уште се високи.

За субвенционирање на електричната енергија за компаниите од прехранбениот сектор досега се одвоени околу 1,3 милиони евра, средства кои според Бектеши може да се користат за други мерки. Во меѓувреме, инспекторат продолжува да спроведува контроли на терен.

 

 

 

Ана Јосифоска Тодоровска