Обезбедени 36,2 милиони евра за ревитализација на шест хидроелектрани
Владата на РС Македонија обезбеди 36,2 милиони евра за реализација на нова инвестиција во енергетскиот сектор со којашто ќе се продолжи векот на шест големи хидроелектрани, ќе се зголеми нивната инсталираната моќ и производството на електрична енергија од домашни извори...

Владата на РС Македонија обезбеди 36,2 милиони евра за реализација на нова инвестиција во енергетскиот сектор со којашто ќе се продолжи векот на шест големи хидроелектрани, ќе се зголеми нивната инсталираната моќ и производството на електрична енергија од домашни извори. Средствата се обезбедуваат со заем во износ од 25 милиони евра од КфВ развојната банка, 11,2 милиони евра грант од ЕУ од ВБИФ и 0,2 милиони евра од германската Влада.
Инвестицијата ќе се реализира во наредните две години. Ќе опфати ревитализација на шест големи хидроелектрани (ХЕ Вруток, ХЕ Врбен, ХЕ Равен, ХЕ Тиквеш, ХЕ Шпилје и ХЕ Глобочица) што обезбедуваат помеѓу 20 и 30% од вкупното производство на електрична енергија во земјава. Со оваа инвестиција нивната инсталирана моќност ќе се зголеми за дополнителни 13,5 МW, додека производството на електрична енергија ќе се зголеми за околу 47,5 GWh годишно. Покрај ова со инвестицијата се обезбедуваат и намалени трошоци за одржување и зголемена доверливост и стабилност на системот, како и заштита на животната средина. Станува збор за трета фаза на ревитализација на овие хидроелектрани. Претходните две фази се исто така финансирани со заеми, при што првата фаза е финансирана со заем од Светска банка, а втората фаза со заем од Кредитната банка за обнова – КфВ и истите се успешно завршени.
За реализација на оваа инвестиција денеска во Скопје се потпишаа Договор за заем меѓу Кредитната банка за обнова – КфВ и АД ЕСМ – Скопје, Договор за гаранција меѓу Република Северна Македонија претставувана од Министерството за финансии и Кредитната банка за обнова – КфВ, Посебен договор меѓу Кредитната банка за обнова – КфВ и АД ЕСМ – Скопје и Договор за ВБИФ грант меѓу Кредитната банка за обнова – КфВ и АД ЕСМ – Скопје.
Договорот за гаранција го потпиша министерот за финансии Фатмир Бесими и директорот на Секторот за енергија и мобилно во ЈИЕ и Турција во КфВ Пабло Обрадор Алварез, додека останатите договори се потпишаа од страна на директорот на Секторот за енергија и мобилност во ЈИЕ и Турција во КфВ Пабло Обрадор Алварез и директорот на ЕСМ Васко Ковачевски. На потпишувањето на договорите присуствуваа евроамбасадорот Дејвид Гир и вршителот на должност амбасадор на СР Германија во земјава Ото Граф.
