Трговија

Преку попусти до заживување на старата битолска чаршија

25.02.2023 14:21

Околу 150 дуќанџии и занаетчии од вчера ја започнаа иницијативата за заживување на зачмаената стара битолска чаршија, која во минатото важеше за една од најпознатите во опкружувањето. Попустот до 50% на производите и услугите, вчера и денес ги врати посетителите. Дуќанџиите велат, прометот се зголеми, а чаршијата наликуваше како од најдобрите денови…

Со староградска песна за добредојде и гласното повелете на дуќанџиите и занаетчиите, од вчера започна дводневната акција за враќање на некогашниот сјај на старата битолска чаршија. Иницијативата производите и услугите да се намалат од 10 до 50 проценти, наиде на голем одзив.

Мораше де се проба со некакви иницијативи бидејќи стана неподнослива зачмаеноста на една од најпознатите стари чаршии, вели Павлина Василевска, која е трета генерација сопственик на семејниот дуќан. Оваа сложна акција ни покажа дека не сме згрешиле, прометот е зголемен за педесетина проценти, а џагорот во чаршијата е поинаков, додаваат и останатите дуќанџии.

Ако за дуќанџиите тоа ќе значи заработка да се опстане, за купувачите можност нешто да се издвои за купување од скромниот буџет.

Од иницијативниот одбор велат дека ваквите акции ќе зачестат, а во раздвиженоста низ старата чаршија учествуваа и повеќе посетители од соседна Грција, кои во Битола доаѓаат да наточат поевтин бензин.

Стевче Митревски