Криза

Пекарите ќе го прекинат производството, ако владата ја замрзне цената на лебот

27.02.2023 14:02

По најавата од Владата дека ќе ја замрзне цената на лебот на 33 денари, производителите и пекарите на итен состанок во Стопанската комора. Донеле едногласна одлука-дента кога ќе биде објавена одлуката за замрзнување на цената, тие ќе го прекинат производството. Компаниите од прехранбената индустрија ја обвинија владата дека спроведува советско – болшевички методи. На реакциите дека и покрај тоа што користеле субвенционирана струја и не ги намалиле цените, тие се правдаат дека ги трошеле резервите…

Дента кога владата ќе ја објави одлуката за замрзнување на цената на лебот на 33 денари во службен весник, рафтовите ќе останат празни. Производителите на леб се заканија дека ќе го прекинат производството, ако надлежните ја донесат оваа, според нив, погрешна одлука. Тие ја обвинија владата дека ќе ѝ нанесе огромна финансиска штета на индустријата, применувајќи, како што ги нарекоа советско – болшевистички методи.

„Ако владата ја донесе мерката, едногласно се согласивме дека нема да се носи леб на пазарот. Има модел како владата може да направи социјална цена на лебот, како што е во Србија. А за да направите социјална цена, треба да се фатите за џеб“, вели Горан Малишиќ, претседател на Групација за мелничко-пекарската индустрија при Стопанската комора на Македонија.

„Слушнавме навредливи зборови дека сме воени профитери, ние може да одговориме на тоа дека ова се советско-болшевистички методи за ограничување на цената. Треба едноставно да се поразговара, затоа што сите големи производители кажаа дека ќе затворат“, додава Горан Ѓорѓиевски, сопственик на пекарско-слаткарска фирма и претседател на Агрокомората.

На забелешките дека и покрај тоа што користат субвенционира струја, тие сепак, не ги намалија цените, производителите се правдаат дека ги трошеле резервите. Тие уверуваат оти и сега на пазарот може да се најде леб од 33 денари.

Заканата од пекарите доаѓа откако викендов, министерот за економија Бектеши најави дека од 1-ви март ќе биде замрзната цената на лебот на 33 денари, бидејќи анализите покажале оти голем дел од компаниите за прехранбената индустрија не ги намалиле цените.

Ана Јосифоска Тодоровска