Битиќи- Џентилони: Северна Македонија е од стратешко значење за Унијата
На средбата, двајцата соговорници се согласија дека Европската Комисија важи за силен партнер на Северна Македонија во нејзините напори за членство во ЕУ.

Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, во Брисел оствари средба со европскиот комесар за економија, финансии, даноци и царина- Паоло Џентилони.
Битиќи, оваа средба со комесарот Џентилони во Европската Комисија ја реализира во рамки на престојот во Брисел каде учествува на билатералниот скрининг за Поглавје 9 „Финансиски услуги“ кој започна вчера и Поглавје 28, „Заштита на потрошувачите и јавно здравје“ кој ќе започне на 1 март, 2023 година.
На средбата, двајцата соговорници се согласија дека Европската Комисија важи за силен партнер на Северна Македонија во нејзините напори за членство во ЕУ.
На средбата, Битиќи изрази голема благодарност за макрофинансиската поддршка, како и за поддршката на ЕУ поврзана со пребродување на тековната енергетска криза.
Комесарот Џентилони потенцира дека целиот Западен Балкан е од стратешко значење за Унијата и дека целиот регион е дел од планот за енергетска транзиција на Европа (RePowerEU) кој има цел диверзификација на изворите на енергија и зголемување на капацитетите од обновливи извори на енергија.
Џентилони исто така истакна дека ЕК го поздравува носењето на новиот Закон за органски буџет како голем реформски чекор за Северна Македонија.
Битиќи ја потенцира големата важност на праведната енергетска транзиција и се заблагодари за поддршката која Северна Македонија ја има во овој сегмент преку проект на Делегацијата на Европската Унија во Скопје.
