Владата ја замрзна цената на лебот
Белиот и полубелиот ќе чинат до 33 денари. Се укинува и субвенционираната струја за производителите на основни прехранбени продукти...
Владата ја замрзна цената на лебот, белиот и полубелиот ќе чинат до 33 денари. Се укинува и субвенционираната струја за производителите на основни прехранбени продукти. Премиерот Ковачевски рече дека одлуките ги носат за да не дозволат едни да плаќаат други да се богатат оти и покрај субвенцијата за струја, само некои ги намалиле цените.
„Помина доволно време за да се усогласат цените. По извршените проверки од Државниот пазарен инспекторат иако производителите добиваа субвенција за електрична енергија, цените на производите не ги намалија или ги намалија незначително. Ова се однесува на дел од производителите на основни прехранбени продукти, дел намалија од 7-12 проценти. Затоа денес ја укинавме оваа мерка. Ќе се снабдуваат со струја согласно Законот за енергетика. Ја замрзнавме цената на белиот и полубел леб сечен и на парчиња или цел на 33 денари леб, со тежина од 450 грама. Цената на лебот под 450 грама ќе биде до 33 денари“, рече премиерот Ковачевски.
Крајната цел на субвенцијата, како што нагласи Ковачевски била да се овозможи пониска цена на производите за граѓаните, па оттука мерката се укинува.
Групацијата на пекарската индустрија во Стопанската комора на Македонија реагираше дека ако владата донесе одлука за замрзнување на цените, тие веќе нема да произведуваат леб, затоа што како што велат, ќе работат со загуба.
