Ковачевски: Нашата економија и во криза е стабилна и ќе расте
Ковачевски во својот говор истакна дека Економскиот форум годинава го дочекавме во уште еден голем предизвик-воената агресија на Руската федерација врз Украина, која целосно ја измести гео-политичката сцена, оставајќи огромни последици со кои секојдневно се бориме.

Нашата економија и во услови на најголемата криза е стабилна и ќе расте. Тоа се должи на храбри одлуки кои ги носиме, со цел кризата да ја претвориме во можност, истакна премиерот Димитар Ковачевски, кој го отвори вториот Економски форум во Скопје, во организација на Делфи Економски Форум и Грчката бизнис-асоцијација во Северна Македонија.
„Минатата, 2022 година, една од најкризните години во Европа, ние имаме рекордна бројка на странски директни инвестиции – 430 милиони евра во технолошко-индустриските развојни зони. Отворени се нови 2.300 работни места, со плати повисоки од државниот просек. Во 2022 година исплативме рекордна државна помош од 23 милиони евра на 410 компании, кои вработуваат над 27.000 работници. Минатата година се потпишани нови 277 договори, што е најголем број потпишани договори“, нагласи премиерот Ковачевски.
Нагласи дека бранот на нови странски инвестиции ќе продолжи и годинава, а тоа се должи на поволностите кои, ние како држава ги овозможуваме за странските инвеститори кои во Северна Македонија гледаат како на безбедна дестинација за инвестирање.
На Економскиот форум присуствуваат влијателни личности од земјава и регионот, претставници на политичкиот и економскиот живот, меѓу кои, претставникот на ЕУ во земјава, Дејвид Гир, премиерот на Црна Гора, Дритан Абазовиќ, министри, пратеници, претставници на дипломатскиот кор и на меѓународни организации, како и претставници од бизнис секторот.
Ковачевски во својот говор истакна дека Економскиот форум годинава го дочекавме во уште еден голем предизвик-воената агресија на Руската федерација врз Украина, која целосно ја измести гео-политичката сцена, оставајќи огромни последици со кои секојдневно се бориме.
Во однос на евроинтеграции, Ковачевски нагласи дека веќе не е прашање дали Западен Балкан ќе стане дел од ЕУ, туку кога ќе стане дел од ЕУ.
„Северна Македонија е земја членка на НАТО, земја која ги отпочна преговорите со ЕУ, земја учесничка во Берлинскиот процес и земја, која од оваа година, го презеде претседавањето со ОБСЕ. Ние сме земја која отворените прашања на билатерално, регионално или меѓународно ниво ги решаваме по дипломатски пат, а не насилно. Затоа, за нас е несфатлива и неприфатлива воената агресија на Русија врз Украина, акт со кој се кршат сите меѓународни норми и правила, пренесени во меѓународните договори“, рече во својот говор премиерот Ковачевски.
За време на Форумот се одржуваат серија панели, на кои ќе се зборува за руската агресија врз Украина, пристапот на Балканот во ЕУ, енергетската перспектива во регионот, инвестициите во инфраструктурата, улогата на жените во обезбедувањето одржливост, странските инвестиции во Северна Македонија и регионот, како и за стратегиите за економски развој и дигитална трансформација.
