Економија

Пекарите доследни на ставот, во маркетите нема леб од 33 денари

01.03.2023 13:11

Мелничко-пекарската индустрија останува на ставот да не испорачува леб по замрзнување на цената. Министерот Николовски вели, граѓаните мора да се заштитат. Цената е замрзната заради тоа што мерката за субвенционирана струја за компаниите немала резултат.

Во маркетите не стигна лебот од 33 денари. Пекарите останаа доследни на ставот дека нема да произведуваат откако Владата донесе одлука да ја замрзне цената и да ја укине субвенционираната струја. Професорот Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт не ја оправдува одлуката за замрзнување само на цената на лебот и без дебата во јавноста. Вели, се создава револт кај производителите. Според него треба да се замрзнат и цените на сите основни продукти.

„Потребна е постојана контрола на цените на сите основни прехранбени продукти во време на висока инфлација, а не периодична. Најефикасен начин да се контролира инфлацијата е да се замрзнат цените покажува искуството од претходната година“, вели професорот Бранимир Јовановиќ.

Министерот Николовски вели, граѓаните мора да се заштитат. Цената е замрзната заради тоа што мерката за субвенционирана струја за компаниите немала резултат.

„Не може мерките да се носат за некој да се богати, а некој да осиромашува. Одлуката беше донесена врз база на сите информации, Државниот пазарен инспекторат ги направил сите контроли, граѓаните мора да се заштитат“, изјави министерот за земјоделство Љупчо Николовски.

Николовски додава дека како Министерство креираат мерки со кои се поддржува производството на пченица и тоа имало ефект. Годинава е засадена пченица на површина од 77.000 хектари.

Александра Велинова