Нова цена

Водата во Скопје може да поскапе за 30 денари

02.03.2023 13:35

Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги ја утврди минималната и максималната тарифа за водата во Скопје. Предлогот ќе се достави до скопски „Водовод“ за да донесат своја одлука, што треба да ја одобри Советот на Град Скопје. Ако се прифати максималната цена, за граѓаните зголемувањето на сметката би било 30 денари…

Цената на скопската вода минимално ќе се намали ако Град Скопје ја прифати минималната тарифа понудена од Регулаторната комисија за енергетика, или, цената ќе скокне за 30 денари ако се прифати максималниот тарифа. Ова го соопшти претседателот на Комисијата, Марко Бислимовски откако скопски „Водовод“ прикажал повисоки трошоци за енергија.

„Сметам дека 29 или 30 денари не претставува никаков проблем за претпријатијата, односно граѓаните. Тоа се 30 денари на месечно ниво, доколку се реши од страна на Водовод и канализација и од Советот на Град Скопје да се прифати максималната тарифа, доколку се одлучат за минималната тарифа, нашиот предлог е да се намали цената“, изјави првиот човек на Регулаторна, Марко Бислимовски.

Регулаторот ги одбил предлозите за поскапување на водата бидејќи неколку комунални претпријатија и Ј.П. „Водовод“ – Скопје навеле дека имаат повисоки трошоци за електрична енергија.

Тие, наместо субвенционираната од 95 евра за мегават час, претставиле до Регулаторот дека користат цена од отворен пазар, односно цена на берзата Купекс. Сега РКЕ со новиот предлог им нуди минимална и максимална цена.

„Јас го разбирам нивниот проблем, но да донесеме ние одлука која ќе значи сериозно поскапување, тоа понатаму ќе предизвика да се намали процентот на наплата“, вели Бислимовски.

На потег се советите на општините и директорите на јавните претпријатија кои треба да одберат цена во тој опсег. Она на што стави акцент Бислимовски е дека комуналните претпријатија мораат да работат на санација на цевките, бидејќи при транспортот, во земјава неповратно се губи 60% од водата за пиење.

Катерина Топалова