Успешна аукција

Државата се задолжи со 500 милиони евра со новата еврообврзница

06.03.2023 18:39

Аукцијата за издавање на деветтата еврообврзница помина успешно, со четири пати повисок интерес од инвеститорите во однос на понудата – информираат од Министерството за финансии. Обезбедени се 500 милиони евра по купонска камата од 6,96%, додека дополнително 100 милиони евра се обезбедуваат од инструментот за макрофинансиска поддршка на Европската комисија по каматна стапка од приближно три насто…

Со 500 милиони евра се задолжи земјава на меѓународните пазари, а парите ќе ги враќаме со камата од 6,96 проценти во наредните четири години. Дополнителни 100 милиони евра се обезбедуваат од инструментот за макрофинансиска поддршка на Европската комисија по каматна стапка од приближно три насто – информираат од финансии. Со деветата по ред еврообврзница, земјава ќе ги врати старите долгови како и обврзницата позајмена во 2016-та која доспева во јуни годинава. Парите ќе се враќаат со исти каматни трошоци постигнати на претходната аукција.

„Интересот на инвеститорите за деветата еврообврзница беше над 2 милијарди евра или за половина милијарда евра повисок во однос на првата аукција, што ја докажа уште еднаш нивната доверба во политиките кои ги води владата“, пишува во соопштението на Министерството за финансии.

Додаваат дека остатокот од средствата планирани за буџетски потреби за годинава се обезбедени од заеми од Меѓународниот монетарен фонд, Светска банка и други финансиски институции со пониска каматна стапка.

Деветата еврообврзницата требаше да биде издадена уште минатиот месец, но постапката се искомплицира со оставката на тогашниот министер за правда Тупанчески, кој требаше да стави потпис. Еврообврзницата којашто пропадна во февруари беше во износ од 600 милиони евра.

Андријана Ѓурческа