Економија

Од утре нова листа на продукти со замрзнати цени

09.03.2023 15:13

Нова листа на продукти со замрзнати цени ќе објави Владата неделава. Најавува поевтинување на тестенините и млечните производи. Граѓаните се жалат дека сè уште по домашниот буџет им удираат високите цени во маркетите...

Бранот поевтинувања на цените на основните прехранбени производи започна со замрзнување на цената на лебот. Следни на списокот се млечните производи, тестенините и зејтинот.

Граѓаните се жалат дека цените во маркетите се високи. Велат и да се замрзнат треба да се симнат на цената од овој период минатата година.

Се очекува Владата да го соопшти ограничувањето на цените на тестенините и млечните производи. Министерот за економија Бектеши изјави дека ќе се интервенира и во цените на други производи, односно секаде каде има поголеми профити или маржи.

Донесена е одлуката за намалување на одредени царински давачки на одредени производи, истакна вицепремиерот за економски прашања Битиќи. Вели не сакаме да ги оштетиме стопанствениците но интересот на граѓаните е пред сè.

Неморално и неетичко однесување на пазарот се коси со основните начела на пазарната економија и не може некој да не повикува зошто ние ги замрзнуваме цените ако однесувањето од другата страна било етички неморално и на грбот на граѓаните, порача Битиќи.

 

Ана Јосифоска Тодоровска