Занаетчиската комора на Куманово ќе го разгледува влијанието од замрзнатите цени
Ќе го разгледаме влијанието по одлуката за замрзнување на цените на тестенините, па потоа ќе реагираме доколку има потреба, велат од Занаетчиската комора. Тие укажуваат дека е мал бројот на регистрирани произведувачи на тестенини, но и на кадар. Појаснуваат и дека нивни членови, производители на бели печива, воопшто не реагирале на замрзнувањето на цената на лебот...

Анализите и произведувачите на тестенините ќе посочат како ќе влијае падот на цената, па ние потоа ќе реагираме, велат од Занаетчиската комора откако Владата, по лебот одлучи да ги замрзе цените и на овие продукти. Од ова здружение посочуваат дека во земјава е мал бројот на регистрирани произведувачи на тестенини. Нагласуваат дека тие имаат проблеми со недостаток на работна сила.
„Ние ќе предложиме за субвенционирање со други мерки за вработување на младите во нашите дејности регистрирани како пекарници, бидејќи во недостиг на кадар можеби ќе се зголеми цената на продуктите“, вели Агрон Фазлији, претседател на Занаетчиска комора.
Од Занаетчиската комора укажуваат дека нивните членови, воопшто не реагирале на замрзнувањето на цената на лебот. Проблемот велат настана поради големите компании. Кај малите произведители цените и сега се најниски. Како поддршка занетчиите од државата за набавка на репроматеријали и алат годинава имаат на располагање пет милиони денари, кои според Комората се недоволни за да се опфатат сите дејности на ниво на земјава.
„Ние бараме 50 милиони денари за да можат занаетчиите во целата земја да ги користат тие средства да бидат ликвидни, да имаат опрема за работа. Само така можеме да иницираме економија и моментално најголема болка и во занаетчиството и државата е сивата економија која сакаме да ја сузбиеме и да донесеме нови правила за регистрација, инспекциски надзори“, дополни тој.
Од Комората посочуваат и дека не се против покачувањето на минималната плата, но само во услови на сузбиена сива економија.
Елена Георгиевска
