ДПИ

Високи казни за економските оператори кои нема да ги почитуваат замрзнатите цени

10.03.2023 18:01

Казните за непочитување на одлуките изнесуваат од 800 до 10.000 евра, во зависност од големината и видот на економскиот оператор...

Веднаш по стапувањето во сила на одлуките на Владата за определување на највисоки цени за тестенини, млеко, урда, сирење, кашкавал, кисело млеко, павлака и јогурт, Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) ќе излезе на терен и ќе постапува, најавуваат од Инспекторатот и додаваат дека казните за непочитување на одлуките изнесуваат од 800 до 10.000 евра, во зависност од големината и видот на економскиот оператор.

Одлуките се донесени во интерес на граѓаните и нивните потреби и ќе стапат во сила на 16 март 2023 година. Ова е доволен временски период за трговците да ги прилагодат цените. Апелираме да се почитуваат одлуките, затоа што во спротивно, без селекција, ќе следат казни, кои според Законот за трговија се исклучително високи. Исто така, апелираме, доколку граѓаните забележат било какви неправилности кои се поврзани со цените на производите веднаш да пријават во Државниот пазарен инспекторат, велат од ДПИ.

ДПИ, како што посочуваат, ќе постапува исклучиво по однос на контрола на цените утврдени со одлуките, но нема надлежност да постапува, ниту пак да влијае врз формирање на цени во трговијата на големо и трговијата на мало.