Кочани ќе биде општина со паметно управување со уличното осветлување
До 31-ви март на сила се владините мерки за штедење на електрична енергија. Општините најголема заштеда имаат со употреба на штедливи сијалици и редуцирање на уличното осветлување. Општина Кочани планира дополнителна заштеда со инсталирање на специјална опрема на 69 светилки, во рамки на проектот за паметно управување со осветлувањето...

Цената на електричната енергија се стабилизира, но општините сè уште ги практикуваат владините мерки за штедење кои се на сила до крајот на месецот. Заштедата е поголема во општините кои инсталирале штедливи лед сијалици, а се штеди и со исклучување на дел од светилките од јавното осветлување. За дополнителна заштеда од 15 проценти, Општина Кочани работи на проектот за паметно управување со уличното осветлување, за што има поддршка од Германската асоцијација ГИЗ.
Со замена на околу 80 насто од светилките со штедливи, како и со осветлување на градот со редуциран број светилки, Општина Берово забележува намалување на сметките дури до 40 проценти, што не е случај со Општина Карбинци, каде заштедата изнесува 10 насто.
Европскиот проект за енергетска транзиција со паметно мерење и управување со системот за јавно осветлување во источниот регион за сега го има само во Кочани. Останатите општини главно се фокусирани на тековна замена на старите со штедливи сијалици.
Славица Величковска
