Храна

Бектеши се сомнева во скопски „пекарски картел“

12.03.2023 12:44

Министерот за економија е убеден дека во главниот град функционира „пекарски картел“. Според него, грст компании се здружени и ја утврдуваат цената на лебот што се продава по маркетите. И додека пекарите ги отфрлаат обвинувањата, Бектеши ја правда одлуката на Владата за замрзнување на цените...

Министерот за економија, Крешник Бектеши е убеден дека во Скопје функционира таканаречен „пекарски картел“. Тој во интервју за РСЕ вели дека неколку компании во главниот град се здружени и ги утврдуваат цените по коишто го дистрибуираат и продаваат лебот во големите супермаркети. Како аргумент за таквото тврдење, Бектеши го посочи фактот дека во внатрешноста, цените на лебот се пониски од 32 денари и побара проверки од Комисијата за заштита на конкуренцијата.

„Јас ги повикав да контролираат дали има здружување на одредени компании. Јас сум убеден, ова е мој личен став, дека во градот Скопје во делот на производство на леб, четири, максимум пет компании се здружени и утврдуваат цени по кои дистрибуираат и продаваат леб по големите супермаркети“, изјави Крешник Бектеши, министер за економија.

И додека пекарите ги отфрлаат обвинувањата за наводно здружување во картел, Бектеши остана на ставот дека тие не го испочитувале договорено пред да се воведе мерката за субвенционирање на електрична енергија за компаниите од прехранбената индустрија, што резултираше со тоа Владата да ја укине оваа мерка. Тој не гледа ниту ништо спорно во одлуката да се интервенира со замрзнување цени, иако сме пазарна економија, бидејќи тоа го направиле и други држави.

„Ние не сме ја замрзнале цената за да мора да биде 33 денари, ние сме кажале која може да биде највисоката граница за белиот и полубелиот леб, што значи дека до 33 денари сите можат меѓусебе да конкурираат“, изјави Крешник Бектеши, министер за економија.

Бектеши не стравува дека тоа ќе ги подгрее апетитите и барањата на граѓаните за замрзнување цени и на други производи.

 

 

Мартин Пушевски