Минималната плата ќе изнесува 20.175 денари
Минималната плата ќе изнесува 20.175 денари. Со мартовската исплата, над 80.000 работници ќе го земат покачувањето, одлучи Економско- социјалниот совет. Процентуалниот раст е согласно порастот на трошоците за живот и зголемувањето на просечната плата во изминатата година. Работниците велат, сумата не е доволна за живеачка на едно семејство. Синдикатите бараат усогласување и на другите плати со растот на минималецот...

Минималната плата ќе биде зголемена за 2.175 денари и ќе изнесува 20.175 денари, објави вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.
„Тоа е резултат на грижата на Владата за сите категории граѓани. Да обезбедиме континуирано одржлив животен стандард и поддршка на куповната моќ на нашите граѓани. Ова е единствениот исправен пат и начин за обезбедување социјална правда и правичност – дури и во време на глобална економска криза на која и претходеше здравствената криза предизвикана од пандемијата“ – напиша Битиќи во објава на Фејсбук.
Во Владата се одржа Економско-социјалниот совет на чиј дневен ред беше висината на минималната плата која досега изнесуваше 18.000 денари. Процентуалниот раст е согласно порастот на трошоците за живот и зголемувањето на просечната плата во изминатата година.
Работниците велат, сумата не е доволна за живеачка на едно семејство. Синдикатите бараат усогласување и на другите плати со растот на минималецот.
