Државни патишта

Изборот на надзорот е според законот, тврдат надлежните

13.03.2023 14:49

Изборот на надзорот на изградбата на Коридорите 8 и 10-д е според Законот за јавни набавки-тврдат надлежните. Не евалуираме акционери туку референци на компании што немаат забрана за работа-вели директорот на „Државни патишта“ Рустеми. ВМРО-ДПМНЕ бара Обвинителството да отвори истрага, да побара запирање на надзорната работа на конзорциумот…

Не евалуираме акционери, туку компании кои немаат забрана за работа. Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Рустеми, тврди постапката за избор на конзорциумот кој ќе врши надзор над изградбата на коридорите 8 и 10-д е согласно Законот за јавни набавки, и покрај тоа што Антикорупциска отвори предмет за да се проверат наводите дека еден од сопствениците е баран со потерница. Рустеми е дециден – „ИРД-Ептиса-Електра Солушн-Евро Консалтинг“ немаат негативна референца, односно забрана за работа. Од ИРД исто така велат дека немаат забрана за учество на тендери …

Од ВМРО-ДПМНЕ бараат владата веднаш да го поништи тендерот за надзор при изградбата на автопатиштата на коридорите 8 и 10-д, а јавното обвинителство да отвори постапка. Според нив, спорни се три од четирите фирми.

Проектот ќе чини 1,3 милијарди евра и дополнителни 238 милиони за експропријација, објави владата. Но сумата не е конечна бидејќи трасата на автопатиштата не е проектирана. Цената ќе биде утврдена откако ќе се направи проект на изведба, вели министерот за транспорт Бочварски. Автопатите ќе се градат по нов метод.

Според првичните пресметки делницата Тетово – Гостивар во должина од 17, 5 километри ќе чини 125 милиони евра. За 30, 3 километарската делница Гостивар-Букојчани ќе бидат потрошени најмногу пари или 560 милиони евра. Требениште-Струга – Ќафасан долг 21, 7 километри ќе биде изграден за 360 милиони евра, а Прилеп-Битола кој е со најголема должина од 39.4 километри ќе чини 260 милиони евра. Минатата недела Владата потпиша договор кој предвидува американско – турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ да ги градат и проектираат коридорите 8 и 10-д. Нивната изградба треба да заврши за 5 години.

 

Викторија Милевска