Одлука

Минималната плата со мартовската исплата ќе изнесува 20.175 денари

13.03.2023 16:43

Висината на минималната плата се утврдува на 20.175 денари. Под ова со мартовската исплата не може да се оди. Падна одлука на седницата на Економско-социјалниот совет. Власта тврди дека им се помага на работниците да се изборат со инфлацијата, но и да се одржат стандардот и куповната моќ. Најавено усогласување и на другите плати, на што инсистираат и Синдикатите. Работодавците очекуваат, работниците да си ги заработат повисоките примања...

Веќе од април, со исплата на мартовската плата работниците коишто имаа минимални примања, наместо 18 илјади денари, на сметките ќе имаат 20.175. Ваква одлука донесе социјално-економскиот совет кој одлучи да го зголеми минималецот за 12,55 насто.

Синдикатите задоволни од одлуката, но бараат усогласување со другите плати.

Работодавци рекоа дека отсекогаш ги поддржуваат системските и законски решенија и се стремат да ги мотивираат добрите работници.

Со измените на законот се воспостави нова методологија за раст на платите. Се пресметува со формула во која се користат два параметри – порастот на платата и стапката на инфлација.

 

 

 

Анита Димитријевска Велковска