Акцелераторот УКИМ ја зајакнува својата улога како центар за развој на иновации
Акцелераторот идентификува 10 стартап компании во Македонија и во нив инвестира над половина милион евра...

Акцелераторот УКИМ ги претстави резултатите од работењето во изминативе четири години и ги презентира новите инвестиции во стартап компании. Акцелераторот идентификува 10 стартап компании во Македонија и во нив инвестира над половина милион евра.
„Нашиот придонес во развојот на старт ап компаниите се состои од пристапот до експерти од сите научни подрачја, големиот број лаборатории и материјални ресурси со кои располагаме, и заедно со останатите содружници им овозможуваме меѓународно вмрежување и влез на глобалниот пазар“, изјави проф. д-р Никола Јанкуловски, ректор на УКИМ.
Според вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, за младите бизниси инкубаторите и акцелераторите се исклучително важни.
„Вие сте моторот на новото време, турбините на современите економии. Затоа веќе со години трпеливо го градиме екосистемот кој ќе ви овозможи шанса. Силно верувам во поттикнување на стартапите и новите иновативни компании, вие сте тие кои ќе нè воведат во четвртата индустријализација. Со вас можеме да решаваме голем број на социјални и општествени проблеми“, рече Битиќи.
Директорот на Фондот за иновации кажа дека земјава е на добар пат да биде стартап хаб во регионот, а акцелераторите имаат клучна улога во националниот систем за иновации и претставуваат вистинско место за стимулирање на иновативни стартапи.
„Акцелераторот УКИМ кој инвестираше 533.000 евра во 10 стартапи, и е еден од трите акцелератори кои беа поддржани од ФИТР преку јавниот повик за воспоставување, работење и инвестиции во деловно технолошки акцелератори, денеска покажа дека македонските стартапи сериозно работат на својата инвестициска подготвеност, но и дека со заедничка соработка и поддршка можеме побрзо да растеме и да се развиваме“ изјави Фестим Халили, директор на Фонд за иновации и технолошки развој.
Акцелераторот УКИМ е основан во 2018 година од страна на Универзитетот Св. Кирил и Методиј – Скопје, и уште три содружници со специјалност во управување со инвестициското портфолио и развој на бизнисот: РСМ Македонија, развојната фондација Кримсон и Фондацијата Проф. д-р. Димитар Стамболиев. Досегашните постигнувања се само најава за она што следи, најавуваат од Акцелераторот УКИМ.
