Платите да растат, недостига работна сила
Усогласувањето на минималецот нема да донесе поголеми промени во ликвидноста на компаниите. Во услови на недостиг на кадар, платите на сите работниците скалесто мора да растат за да се спречи одлевање на кадар, велат сопствениците. Додека ја доквалификуваме домашната, ќе мора да увезуваме работна сила од странство, но засега не се знае од каде и колку…

Зголемување на минималната плата е неопходна финансиска инјекција за ранливите слоеви, поддршка за работниците со најнизок личен доход да покријат само мал дел од трошоците, но овие социјални економски мерки може да удрат по пазарното однесување и бизнисот и да имаат финансиски импликации врз буџетот, велат економистите.
Вработените во јавниот сектор што работат за блиску минималец, ќе добијат зголемен износ, но мора да има и скалесто зголемување на сите, за што ќе бидат потребни до стотина милиони евра од државната каса. Истражувањата говорат-пазарот на труд се исцрпува, на среден до долг рок со значаен раст на минималецот во приватниот сектор може ги истисне помалку квалификуваните работници, што поради недостаток на кадар кај нас сè уште не е тренд. Но, позначајно е да се донесат структурни мерки за квалификација на работната сила, вели професорот Борче Треневски.
Бизнисот вели, порастот на минималецот нема интензивно да удри по продуктивноста на компаниите. Мора да има скалесто зголемување и на останатите плати во време кога компаниите се соочуваат со недостиг на работна сила, за да не се демотивираат вработените кои се на повисоки позиции, вели Ангел Димитров од Организацијата на работодавци.
И додека работодавците се во трка да спасат дел од кадарот во време кога се случуваат поместувања на пазарот на труд со негово одлевање од државава, Владата вели-се разговара со коморите за увоз на работна сила во градежништво, хотелиерство, туризам. Недостигаат 10.000 работници, посочува вицепремиерот Битиќи. Старите рани ќе се лекуваат и преку доквалификација на домашниот потенцијал.
80.000 работници во земјава земаат минималец, со новото зголемување од март на сметките ќе им легнат дополнителни 2.175 денари. Со високата двоцифрена инфлација од 14,2 насто лани, платите и пензиите заостануваат во трката со цените.
Сузана Фиданска Стоевска
