Замрзнати цени

Од утре поевтини млечни производи и тестенини, листата на замрзнати цени може да се зголеми

15.03.2023 13:47

Стапува во сила владината одлука за замрзнување на цените. Се очекува да паднат цените на шпагетите и макароните, кравјото и киселото млеко, урдата, сирењето, јогуртот. Се прават анализи, се чека одлука за свежото месо, оризот, јајцата и шеќерот. Од Пазарната инспекција им порачаа на трговците да ги усогласат цените, во спротивно ќе следуваат казни...

За 10 насто поевтини млечни производи, за 15 тестенини. Стапува во сила владината одлука за замрзнување на цените. Се очекува да паднат цените на шпагетите и макароните, кравјото и киселото млеко, урдата, сирењето, јогуртот. Листата на замрзнати производи може и да се зголеми. Во Министерството за економија се прават анализи, се чека одлука за свежото месо, оризот, јајцата и шеќерот. На прашање дали Владата размислува и за ограничени цени на други продукти што не се основни, вицепремиерот Битиќи очекува по падот на цената на суровините на европските берзи, трговците и производителите да покажат морал и етика и да ги поевтинат производите.

Од Пазарната инспекција им порачаа на трговците да ги усогласат цените, во спротивно ќе следуваат казни. Инспекторите на терен ќе проверуваат дали се почитува одлуката, а казните ќе се движат од 800 до 10.000 евра.

На прашањето, дали има механизми за заштита на сточарите поради замрзнување на цените на млекото од земјоделство велат поддршка за зголемените трошоци добиваат преку субвенции и други програми. Министерот Николовски тврди дека со државна помош се зголемува и домашното производство на храна.

Владата уверува дека со оваа економска мерка, ниту еден од производителите нема да загуби, иако ограничените цени доаѓаат по неуспешниот обид компаниите да ги скастрат цените по субвенциите за поевтина струја.

 

Анита Димитријевска Велковска