Притисок врз банкарскиот сектор
Проблеми во финансискиот свет, се предвидуваат драматични последици. Глобалните берзи во голема неизвесност по банкротот на американските банки. НБРМ тврди дека билансите на нашите банки се високо капитализирани и исклучително солидни и ликвидни со најдобар квалитет на кредитното портфолио...

Банкарскиот сектор под сериозен притисок по крахот на двете американски банки. Волстрит и европските берзи бележат пад, банкарите ги продаваат акциите.
Според податоците на европските берзи, речиси сите акции бележат пад. Предводник на потенцијалниот колапс на европскиот финансиски систем е швајцарската банка „Кредит Свис“, која забележа загуба од дури 20 отсто, откако најголемите акционери на банката најавија дека нема веќе да инвестираат. Банката на Англија одржа вонредна седница со меѓународните колеги. За Британија, охрабрувачки е што централната банка на Швајцарија ѝ понудила ликвидност на „Кредит Свис“ по падот на акциите. Заемот е во вредност од 54 милијарди долари.
„Канцелариите никогаш не коментираат за случувањата на берзите. Очигледно, јас ја следам состојбата. Владата и банката на Англија ја следат внимателно. Вестите од швајцарските власти се охрабрувачки, но не коментирам ништо повеќе од тоа“, изјави Џереми Хант, канцелар на Обединетото Кралство.
За разлика од стариот континент, азиските пазари имаат добри резултати, како и Волстрит кој имаше турбулентен викенд, но вредноста на банкарските акции, сепак, закрепна.
„Азиските финансиски пазари се побезбедни од оние на Европа или Америка. Но, американските компании како АИА, или британската ХСБЦ ќе страдаат малку, но не премногу. Кога ќе заврши овој удар, мислам дека ќе закрепнат и азиските, вклучувајќи го и Хонгконг“, изјави Френсис Лун, извршен директор на „Гео Секјуритис“.
Американските власти се обидуваат да ја зајакнат довербата во банкарскиот систем и да спречат прелевање на кризата врз други банки.
„Пропаѓањето на банката на Силициумската долина нема директни последици врз нашиот банкарски систем, само 6,6% од вкупните обврските се кон странство, од каде што се само 5 отсто од побарувањата“, велат од Народната банка. Оттаму тврдат дека и натаму со големо внимание се следат случувањата и потенцијалниот домино-ефект по пропаѓањето на банката на Силициумската долина.
Маја С. Филдишев
