Издавањето на Охридското Езеро под концесија за стопански риболов се коси со препораките на УНЕСКО
Издавањето на Охридското Езеро под концесија за стопански риболов се коси со препораките на УНЕСКО, велат експертите. Во Стратешкиот план за рехабилитација на Охридскиот регион, кој го изработија македонската и албанската влада јасно стои дека има забрана за риболов на ендемичните видови риби, кои со години се на работ на исчезнување. Пред една недела струшката фирма „Еко свест“ ја доби концесијата на повикот од Министерството за земјоделие…

Струшката фирма „Еко свест“ ја доби концесијата за стопански риболов на Охридското Езеро. Експертите велат доделување на концесија за риболов е контрадикторна одлука и се коси со Стратешкиот план за рехабилитација на Охридскиот регион, кој го изработија македонската и албанската влада. Во него јасно стои дека има забрана за риболов на ендемичните видови риби, кои со години се на работ на исчезнување.
„На овој документ јасно стои дека треба да има целосна забрана за риболов на Охридското Езеро до моментот кога ние ќе имаме податоци дека рибниот фонд не даде гаранција дека немаме проблем за најважните видови риби – ендемичните“, вели Аријан Мероли, истражувач и експерт за заштитени подрачја.
Согласно договорот, концесионерот годишно ќе може да лови 3.000 кг пастрмка, 8.000 кг белвица, и лимитирани квоти од другите видови риби, што според експертите доколку се придржува за шест години ќе има загуба од околу 2 милиони евра.
„Еден детален финансиски план покажа дека концесионерот ќе има загуба околу 2 милиони евра за 6 години. Затоа што концесијата според основниот документ на рибарство укажува дека треба да има лимитиран лов на пастрмка, белвица, јагула, крап и другите видови риби“, појаснува Мероли.
Според експертите со издавањето на Охридското езеро под концесија за стопански риболов се прекршуваат и двете препораки на УНЕСКО а тоа се: да се направи детална анализа на рибниот фонд во Охридското Езеро и воведување на унифициран систем за риболов во двете земји.
Инаку, во 2020-та година, поради незаконско работење, Владата ѝ ја одзеде концесијата за риболов на фирмата „Летница белвица“.
Соња Рилковска
