Земјоделците задоволни од мерките за поддршка
Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството започна кампања за запознавање на земјоделците со измените на мерките за поддршка и субвенционирање. Велат, земјоделците од североистокот се задоволни бидејќи има покачувања, но и што дел од финансиите ќе се исплаќаат порано...

Земјоделците од североисточниот регион задоволни од измените на мерките за поддршка и субвенционирање, информираат од регионалната единица на Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството - Куманово, која започна кампања и посета во руралните подрачја. Надлежните појаснуваат дека земјоделците се задоволни бидејќи во дел од подмерките, зголемени се процентите на финансирање. Но и во субвенционирањето и во Програмата за рурален развој, целат предвидено е дел од финансиите да се исплаќаат порано.
„Добро сме прифатени од земјоделците и начелно се задоволни со начинот на субвенционирање, имајќи предвид дека многу подмерки се зголемени процентите, се зголемени бројките за субвенционирање така што продолжуваме со таа работа, секој ден сме на терен, по две-четири села, поделени во групи“, вели Џабир Рамадани, раководител на Агенција за поттикнување на развојот на земјоделството Куманово.
Зголемувања појаснуваат од Агенцијата има по грло добиток и за премија на млеко, за кравјо пет денари, за овчо шест денари по литар, за молзни крави беше 2.850, со покачувањето е 4.000 денари. Зголемување има и за растително производство, житни култури, овоштарство.
„Најголем број од земјоделците се бават со растително производство и сточарството, што според мене беше во пад бројот на добиток во нашата земја, мислам дека ќе се зголеми бројот на добитокот, имаме и доста пчелари кои се доста активни, имаат и здруженија, соработуваат со нас, бараат совети и слично“, дополни тој.
Според најавите од регионалната единица средби ќе се организираат во секое село од општините Куманово, Липково и Старо Нагоричане.
Елена Георгиевска
