Расправа за Законот за плати во јавниот сектор
Економско - социјалниот совет утре почнува расправа за Законот за плати и Колективниот договор за јавниот сектор, по барање на синдикатите. Од синдикатот на УПОЗ велат - ниските примања се главната причина поради која работниците заминуваат во странство. Од Организацијата на работодавачи со став – платите во јавниот сектор мора да го следат растот на платите во приватниот сектор...

Новиот Закон за плати во јавниот сектор и преговори за Колективниот договор, утре ќе бидат тема на расправа на Економско - социјалниот совет, по барање на синдикатите. Околу 110.000 вработени во јавниот сектор земаат плата која е скоро колку минималната, а токму ниските плати се главната причина поради која работниците заминуваат во странство, вели претседателот на Синдикатот на УПОЗ, Трпе Деаноски. Додава дека во ваква ситуација, администрацијата се повеќе останува без стручен кадар.
„Ние не планираме да бидеме посматрачи на седницата и сакаме да дадеме и наши предлози“, вели за МТВ Ангел Димитров, претседател на Собранието на организацијата на работодавачи. Според него висината на платите во јавниот сектор мора да зависат од порастот на платите во приватниот сектор.
Од Синдикатот на УПОЗ велат дека со години наназад бараат мораториум за вработување во јавен сектор, за да се даде можност за унапредување и мотивација на моментално вработените да добијат поголеми плати и да останат во Македонија.
Марија Котовска
