Се замрзнува цената на јајцата и на оризот
Утре на владина седница ќе се донесе одлука за замрзнување на цена на јајцата и оризот, најави Бектеши. Замрзнување на маржите за брашното и шеќерот нема да има, но министерот очекува самите трговци да ги намалат цените…

Се замрзнува цената на јајцата и на оризот, но, сè уште не се открива максималната по која ќе се продаваат на рафтовите во маркетите. Министерот Бектеши вели ќе биде согласно една од продажните во март, но не ја кажа, за како што рече, да не се злоупотреби од трговците и производителите во периодот до одлуката на Владата.
Ограничувањето на чинењето и на извозот има за цел да се спречат ценовни шокови и недостиг, наспроти очекуваната зголемена побарувачка за верските празници. Шеќерот и брашното нема да бидат дел од овој пакет замрзнати цени. Од економија очекуваат, по падот на цените на суровините трговците сами да ги поевтинуваат. Доколку не го сторат тоа, ќе се донесат дополнителни мерки.
Се прават анализите и за цените на месните производи од увоз, вели Бектеши. Владата тврди дека наскоро со две минимални плати едно семејство ќе може да ги покрие месечните трошоци за живеење. Според министерот за економија, инфлацијата се намалува и се очекува по летото да биде под 7,1 процент. Годинава вели, реалната минимална потрошувачка кошница е 43.163 денари.
„Ако во 2012-та година требале 3,9 минимални плати, во 2013-та и 2014-та четири минимални плати, од 2017-та до денес имаме само надолен тренд. Доколку се погледнат бројките и податоците за месец март, убеден сум дека ќе ни требаат под две минимални плати за покривање на минималната синдикална кошничка“, рече Бектеши.
Бектеши презентираше анализа на потрошувачката кошничка со став дека во методологијата што ја користи ССМ инфлацијата е пресметана два пати и според него, не треба да се земат предвид статистиките од август за покриеност на минималната плата со минималната кошничка, за што веќе реагираат од Синдикатот со став дека нема грешка во пресметките.
Сузана Фиданска Стоевска
