Ново ограничување на цени
Владата утре ќе ги ограничи цените на оризот и на јајцата. Нема да бидат актуелните, најави министерот за економија Бектеши. За шеќерот и брашното се остава време за поголемо поевтинување, ќе се прават анализи и за месото…

Се замрзнува цената на јајцата и на оризот, сè уште не се открива максималната по која ќе се продаваат на рафтовите во маркетите. Министерот Бектеши вели, ќе биде согласно една од продажните во март, но не го открива процентот за да не се злоупотреби од трговците и производителите во периодот до одлуката на Владата. Ограничувањето на чинењето и на извозот на јајцата има за цел да се спречат ценовни шокови и недостиг, наспроти очекуваната зголемена побарувачка за верските празници.
Ако се замрзнат цените на јајцата под сегашните, ќе има дополнителни загуби во работењето поради високите трошоци-реагираат производителите. Велат, во моментот има доволно количини за да се задоволат потребите на пазарот.
Шеќерот и брашното нема да бидат дел од овој пакет смрзнати цени, од економија очекуваат по падот на цените на суровините трговците сами да ги поевтинуваат. Доколку не го сторат тоа, ќе се донесат дополнителни мерки. Се прават анализи и за цените на месните производи од увоз, вели Бектеши. Владата тврди дека наскоро едно семејство со две минимални плати ќе може да ги покрие месечните трошоци за живеење.
„Ако во 2012 година требале 3,9 минимални плати, во 2013 и 2014 четири минимални плати, од 2017 до денес имаме само надолен тренд. Доколку се погледнат бројките и податоците за март, убеден сум дека ќе ни требаат под две минимални плати за покривање на минималната синдикална кошничка“, рече Бектеши.
Бектеши презентираше анализа на потрошувачката кошничка со став дека во методологијата што ја користи ССМ инфлацијата е пресметана два пати и според него не треба да се земат предвид статистиките од август за покриеност на минималната плата со минималната кошничка, за што веќе реагираат од синдикатот со став дека нема грешка во пресметките.
Сузана Фиданска-Стоевска
