Битола

Некогашниот „Фринко“ прерасна во мини-индустриска зона

21.03.2023 14:11

Огромниот простор што остана по пропаѓањето на некогашниот индустриски гигант битолски „Фринко“ по две децении може да се каже дека повторно е целосно искористен и функционира како мини-индустриска зона. Денес тука егзистираат 30-ина средни и мали претпријатија кои вработуваат над 500-тини лица…

Од простор кој важеше за еден од поголемите споменици на транзицијата до мини-индустриска зона. По стечајот и целосното замирање на фабриката за фрижидери, малкумина веруваа дека во некогашните погони повторно ќе се врати работната атмосфера, иако со поинакви дејности.

Јован Дојчиновски беше првиот мал стопанственик кој пред 20 години купи деловен простор и започна да го враќа животот. Вели, сите инвестирања кои се правеле оделе на рака на стопанствениците, а пополнувањето на просторот одел етапно со различни производни линии, за денес тука да се произведува и тргува со низа производи.

Слободен простор речиси да нема. Маријан Бакревски е меѓу последните кои пред две години закупил околу 100-тина квадратни метри деловен простор, за да ја инсталира опремата за производство на пиво.

Стопанствениците велат, пазарните и другите проблеми умееме сами да ги решаваме. Она што тука нè тишти, е тоа што иако местото е урбанизирано сè уште при поголем дожд се гази во кал, а навечер нема осветлување. Велат, оствариле средба и со битолскиот градоначалник кој ветил соодветни инфраструктурни зафати.

Стевче Митревски