Влада

Обезбедени 70 милиони евра грант од ЕУ за Пречистителната станица во Скопје

22.03.2023 15:49

Владата на Република Северна Македонија обезбеди 70 милиони евра грант од ЕУ за финансирање на проектот за изградба на Пречистителна станица во градот Скопје. Договорот за грант, кој се обезбедува од Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF) го потпишаа денеска министерот за финансии Фатмир Бесими, министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова и заменик-претседателката на ЕИБ Лилјана Павлова...

На потпишувањето на Договорот присуствуваа и вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ и евроамбасадорот Дејвид Гир. Станува збор за средства коишто се надополнување на обезбедените финансиски средства за реализација на овој проект од страна на ЕИБ во износ од 68 милиони евра и 58 милиони евра од Европската банка за обнова и развој. Вкупната финансиска конструкција за реализација на овој проект, чија имплементација е во надлежност на Градот Скопје и ЈП Водовод и канализација е 197,2 милиони евра.

Според вицепремиерот Маричиќ овој проект е потврда дека европската интеграција е најдобрата формула за понатамошниот развој на Република Северна Македонија. Маричиќ посочи дека со ваков тип на проекти, ја носиме Европа дома, ги носиме стандардите и начинот на живеење на Европската Унија во нашата земја и во главниот град.

Министерот за финансии Фатмир Бесими потенцира дека Договорот што денеска го потпишуваме е чекор поблиску на Република Северна Македонија во остварување на ЕУ перспективата и приклучување во европското семејство.

Министерката Шукова потенцира дека Владата со овој Договор ја затвора финансиската конструкција и овозможува отпочнување на изградбата на пречистителната станица за отпадни води за Град Скопје.

Евроамбасадорот Гир потенцира дека патот кон ЕУ претставува процес на трансформација, но и на подобрување на животот и на животниот стандард. „Инвестицијата на Тим Европа во Пречистителната станица Скопје е практичен пример токму за ова. Пречистителната станица ќе може безбедно да ги третира и пречистува отпадните води генерирани од страна на речиси една третина од населението во земјата. Тоа ќе придонесе и за позелена европска иднина на оваа земја“, рече евроамбасадорот Гир.

„Исклучително сме горди што можеме да обезбедиме ваков вид поддршка за Северна Македонија во време на пролонгирана криза и сериозни предизвици. Потпишувањето на овој грант е силен показател за пристапот на Тим Европа и заложбата на ЕУ во однос на вашата земја на патот кон европската и регионалната интеграција, во исто време овозможувајќи и подобар животен стандард за сите. Со спроведувањето на овој проект се очекува значително унапредување на животната средина, како и здравствени придобивки, а воедно ќе се придонесе кон заштита на животната средина и достигнување на климатските таргети“, истакна заменик-претседателката на ЕИБ, Лилјана Павлова, надлежна за активностите во Северна Македонија.

Договорот што се потпиша денеска е надополнување на богатото портфолио на инвестиции коишто се реализирани со поддршка од ЕИБ во износ од 1,16 милијарди евра. 277 милиони евра е вредноста на инвестициите во изградба на модерна транспортна мрежа во земјава, 178 милиони евра за водоводни и канализациски системи и подобар пристап до вода за пиење, како и 64 милиони евра во енергетиката.

Во моментов во јавниот сектор се финансираат од страна на ЕИБ проекти во износ од 147 милиони евра, а вредноста на инвестициски грантови од ВБИФ добиени со поддршка од ЕИБ изнесува 82,2 милиони евра. Реализација на капитални инвестиции кои Република Северна Македонија ќе ја доближат до ЕУ се меѓу клучните приоритети, а за тоа потврда е испланираната сума за инфраструктурни проекти во Буџетот во износ од 800 милиони евра. Со потпишување на Договорот за грант од ЕУ за Пречистителната станица денеска се одбележува Светскиот ден на водите.