Има доволно количини свежо свинско месо
Нема да дозволиме по истекот на рокот на замрзнатите цени на производите да има нови покачувања. Инспекторите на терен ќе увидат дали компаниите се придржуваат до одлуката, истакна при посетата на Куманово, вицепремиерот Битиќи. Тој нагласи и дека државата нема да се доведе во состојба да увезува свинско месо, по актуелната состојба со африканската чума. Во кумановско во две села сè уште се на сила мерки поради свинската болест. Сточарите бараат итно укинување, нагласувајќи дека граѓаните за Велигден можат да останат без месо...

Во земјава има доволни количини свежо свинско месо и нема да се доведеме во состојба да увезуваме, истакна вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи. Според него Агенцијата за храна и ветеринарство и Министерството за земјоделство, ги преземаат неопходните мерки за справување со африканската чума кај свињите.
„Ќе се помогнат сите одгледувачи за да повторно полека се вратиме и јас гарантирам дека свежо свинско месо ќе има доволно на трпезите на секој еден граѓанин, затоа што сметам дека има доволни количини во нашата држава-истакна вицепремиерот за економски прашања“, Фатмир Битиќи.
Сточарите од кумановско со претставниците од АХВ постигнаа договор да не се уништуваат животните, кои повеќе месеци не покажува знаци на болеста. Наскоро се очекува да се укинат мерките кои сè уште се на сила во Љубодраг и Тромеѓа. Жителите ќе можат повторно да одгледуваат свињи, но според определени критериуми, за дезинфекција, опрема, обележување на животните.
„Во источниот регион од каде и започна африканската свинска чума преземени се и од страна на сточарите и од страна на агенцијата сите потребни мерки и таму веќе имаме чиста состојба, укинати се мерките, слободни се. Во кумановско исто штом завршат уште во две населени места мерките истите ќе се ослободат“, истакна директорот на АХВ, Николче Бабовски.
Бабовски нагласи дека државава е увозно единствено независна од свежо свинско месо. Посочи дека тука учествуваат и помалите производители и големите фарми. Вети поддршка од Агенцијата, и обесштетување од државата за одземените животни по пазарни цени. Сточарите од кумановско изминативе денови по два часа го блокираа стариот пат кон Скопје, недозволувајќи да се уништуваат како што велат здравите свињи. Тие укажаа дека доколку итно не се укинат мерките, граѓаните за Велигден нема да можат да набават свинско месо. Но и дека голем број производители поради актуелната состојба одлучиле да се не занимаваат со сточарството.
Елена Георгиевска
