Замрзнатите цени не влијаат многу на семејниот буџет
Граѓаните се жалат дека на некои места, сè уште не се сменети цените на производите, а сметаат и дека треба да се замрзнат цените и на други производи.

За производителите е многу, за потрошувачите речиси ништо. Замрзнатите цени не вршат многу работа на семејниот буџет. Граѓаните се жалат дека на некои места, сè уште не се сменети цените на производите, а сметаат и дека треба да се замрзнат цените и на други производи.
„Не знам да ви кажам право, воопшто не ги пратам цените, земам и колку е-толку е.“
„Не гледам на цените, пет денари-десет денари, не ми значи ништо.“
„Пишува таму 25, а ми наплатија 35 денари. Ги прашав зошто, наводно не биле сменети цените. Има потреба од замрзнување на цените, особено на месото.“
„Треба да се намалат цените на месото и на млечните производи, јас со мојата пензија не можам да опстојам.“
„Треба да се намалат цените, што е намалено … ништо не е намалено“, велат граѓаните кои ги анкетиравме.
Државниот врв вели дека се разгледуваат сите опции и се прават анализи, и оти не се исклучува можноста да има замрзнување на цените и на други производи, но, се внимава да не се направи дисбаланс на пазарот.
„Не може да се каже дека за една група на производи може да има една мерка, бидејќи во секој производ постојат артикли од коишто дел се произведуваат кај нас, меѓутоа дел се од увоз. Затоа и кога ќе ги видите мерките, за лебот се знае на кои типови на леб цената е замрзната. Исто така, кога зборуваме за тестенини се знае за кои типови на тестенини е намалена цената за 15 проценти и исто кај млечните производи кај кој е намалена за 10 проценти“, изјави премиерот Ковачевски.
Последното замрзнување се случи неделава на јајцата и оризот. Претходно беа опфатените лебот, тестенините, млечните производи. Се најавува анализа и за овошјето и зеленчукот.
Катерина Топалова
