Нов конкурс

ФИТР: Пет милиони евра поддршка за домашните компании

27.03.2023 13:17

Како што соопштуваат од ФИТР, целта на конкурсот е да се поддржат домашните компании да создадат услови за надминување на последиците од економската криза, да остварат забрзан раст, да ја зголемат конкурентноста на меѓународните пазари и отпорноста на пандемиски и климатски кризи...

Фондот за иновации и технолошки развој денеска го објави првиот јавен конкурс за 2023 година, со кој 5.060.000 евра се ставаат на располагање за поддршка на домашните компании, преку јавниот конкурс за ко-финансирани грантови на микро, малите и средни компании за технолошки развој и забрзан економски раст.

Како што соопштуваат од ФИТР, целта на конкурсот е да се поддржат домашните компании да создадат услови за надминување на последиците од економската криза, да остварат забрзан раст, да ја зголемат конкурентноста на меѓународните пазари и отпорноста на пандемиски и климатски кризи, преку воведување на нови, иновативни, напредни, „зелени“ и дигитални технологии за нивна трансформација.

Во однос на тоа какви активности поддржуваме со овој јавен конкурс, листата не е ограничувачка и истата е достапна на веб страната на Фондот, дел од нив се: набавка и воведување на нови, иновативни, напредни, зелени и дигитални технологии за трансформација на производствените и деловни процеси, развој и воведување на нови поеколошки процеси и стандарди за производство и работа, подобрување на продуктивноста и ефикасноста на производствените и/или деловни процеси, стои во соопштението.

Во однос на процедурата за оценка и селекција во рамките на овој јавен повик, пристигнатите предлог проекти директно одат на евалуација кај домашни стручни лица од 22 области на експертиза. Проектите кои ќе добијат оценка од минимум 51 поен, преминуваат во следната фаза. Проектите ќе ги разгледува Комитетот за одобрување на инвестиции кое е независно тело составено од пет меѓународни експерти.

Јавниот повик за ко-финансирани грантови на микро малите и средни компании за технолошки развој за забрзан економски раст е отворен до 5-ти мај, до 14 часот, а компаниите можат да аплицираат електронски.