Македонија

Утре ќе се носи одлука за ограничување на цените на хигиенските производи

28.03.2023 14:36

Неделава ќе се знае дали ќе се ограничи чинењето и на дел од овошјето и зеленчукот, најави Владата. Премиерот Ковачевски и министерот Бектеши пазаруваа во маркет. Незадоволни граѓани им замерија за високите цени, се пожалија за ниски пензии…

Како да се преживее со 12.000 денари пензија и со намалени цени за денар до два. Граѓаните, со вакви прашања го пресретнаа премиерот Ковачевски додека ги проверуваше цените на јајцата и оризот во еден скопски маркет. За 16 проценти ги зголемивме пензиите кои дополнително ќе растат одговори Ковачевски, а во однос на цените посочи дека се интервенирало таму каде што можело.

Ковачевски задоволен од трговците. Оцени дека ја испочитувале владината одлука. Побара од компаниите да бидат одговорни и да им вратат на граѓаните, но и на Владата, која како што рече, им помогнала во кризно време. Утре ќе се носи одлука за ограничување на цените и на хигиенските производи. Откако ќе се разгледаат анализите, ќе падне одлука и за цената на дел од овошјето и зеленчукот, најави Бектеши.

Бизнисот бара Владата да објасни, до кога ќе носи вакви мерки и која е нивната цел.

По извршените надзори, државниот пазарен инспекторат открил фирми кои ја прекршиле владината одлука, за нив се води постапка.

По лебот, млекото, млечните производи, тестенините Владата одлучи да ја ограничи цената на јајцата и оризот. Следни на листата се менструалните производи, тоалетната хартија, влажните марамчиња.

Викторија Милевска