Пешев: Се залагаме за пазарни, а не за популистички мерки
Извршниот директор на Стопанската комора, Антони Пешев смета дека има механизми кои не се доволно искористени, а тоа се државните рзерви. Според него по завршувањето на мерката повторно ќе има проблемот со зголемување на цените...

Бизнисот против замрзнување на цените. Предлагаат да се субвенционира делот од населението на кое тоа навистина му е потребно, но и да се помогне со директно намалување на царините. Извршниот директор на Стопанската комора, Антони Пешев смета дека има механизми кои не се доволно искористени, а тоа се државните рзерви.
„Да не одиме со замрзнување на цените, туку со субвенционирање на она население на кое тоа навистина му треба. Замрзнувањето на цените непотребно ги става компаниите чии производи се замрзнати во неповолна економска позиција, а производите се продаваат и на оние групи население на кое таа разлика во цена не им значи ништо. Затоа, многу повеќе ги почитуваме мерките на Владата кои се однесуваат на директна интервенција во делот на намалување на царините, помош при увозот на репроматеријали, субвенционирање на електрична енергија и механизмите кои го прават домашното производство поконкурентно, отколку директно замрзнување на цените“, изјави Пешев.
Замрзнување на цените, потенцира Пешев, е мерка која не може да трае долго, а по нејзиното завршување повторно ќе има поскапувања.
„Оваа мерка не може да трае долго и по нејзиното завршување повторно ќе го имаме проблемот со зголемување на цените. Во меѓуврме, пак, компаниите чии производи биле опфатени со замрзнувањето на цените, изгубиле многу пари. Затоа ние секогаш се залагаме за пазарни, а не за популистички мерки“, подвлече извршниот директор на Стопанската комора.
