Бизнисот бара пазарни мерки, Владата продолжува со замрзнување на цените
Пониски цени на тоалетната хартија, хигиенските влошки, влажните марамчиња, пелените. До крај на неделава ќе се знае кои видови зеленчук и овошје ќе бидат со ограничени цени. Бизнисмените предупредија, наместо ограничување, што не е пазарна мерка, државата да ги активира стоковите резерви...

Нема ризик од нагло зголемување на цените кога ќе престане важноста на мерките, смирува министерот за економија Бектеши. Но, тој ги предупреди компаниите да се подготват оти мерките може да продолжат и по 31ви мај. Кои видови овошје и зеленчук ќе бидат со ограничени цени, ќе се знае до крајот на неделава. Бектеши вели, државата е подготвена да се откаже и од дел од ДДВ-то и царинските давачки за основните прехранбени производи.
Бизнисот е против замрзнување на цените. Предлагаат да се субвенционираат граѓаните на кои тоа навистина му е потребно, да се помогне со директно намалување на царините и искористување на државните резерви. По завршувањето на мерката повторно ќе има проблемот со зголемување на цените, велат од Стопанската комора.
„Замрзнувањето на цените непотребно ги става компаниите, чии производи се замрзнати, во неповолна економска позиција, а производите се продаваат и на оние групи население на кое таа разлика во цена не им значи ништо. Затоа, многу повеќе ги почитуваме мерките на Владата кои се однесуваат на директна интервенција во делот на намалување на царините, помош при увозот на репроматеријали, субвенционирање на електрична енергија и механизмите кои го прават домашното производство поконкурентно, отколку директно замрзнување на цените“, изјави Антони Пешев, извршен директор на Стопанска комора.
Во Австрија нема ограничување цените. Им се помага на домаќинствата за покривање на енергетските трошоци.
„Воведовме помош на домаќинствата за покривање на енергетските трошоци. Тоа се неколку стотини евра што не се големи средства, но сепак беше чекор напред во поддршката кон граѓаните“, рече Рихард Бандера, регионален менаџер за Југоисточна и Источна Европа и за Централна Азија“.
Намалувањето хигиенските производи ќе биде за 13 насто од цените што биле во трговијата на мало на 20-ти март. Министерот Бектеши вели дека Владата е подготвена да се откаже од ДДВ-то од 18 на 5 насто, но за тоа треба да одлучи Собранието. Побара Комисијата за финансирање и буџет да свика седница.
Сунчица Николоска
