Во април исплата на субвенции за тутунот
До крајот на април тутунопроизводителите ќе треба да ги добијат субвенциите, најавуваат од Министерството за земјоделство. Поради високиот квалитет на тутунот најголемиот дел од реколтата се откупи како прва класа за која се исплаќа финансиска поддршка од 80 денари за килограм...

Исплатата на субвенциите за тутунот ќе се реализира до крајот на април, велат од Министерството за земјоделство. Поради добриот квалитет, тутунот беше класифициран како прва и втора класа и износот за субвенционирање годинава ќе биде поголем, односно околу 26 милиони евра.
Според последниот податок од државниот инспекторат за земјоделство монополите презедоа повеќе од 20.800 тони. Тутунопроизводителите добија највисока просечна откупна цена од скоро 288 денари за килограм, што претставува зголемување за повеќе од 40 проценти во однос на ланската сезона.
Откупот го вршеа 10 регистрирани претпријатија на 200 пунктови со 223 ваги и 216 мостри. Склучени беа вкупно 29.650 договори за производство што претставува зголемување од 7 проценти, а засадените површините за 14 насто повеќе во споредба со претходната реколта.
Тутунот е еден од најзначајните извезувани земјоделски производи кај нас. Учествува со 18 проценти во домашниот извоз со скоро 140 милиони евра девизен прилив и вработува над 20 илјади семејства.
Методија Трајков
