Прилеп: Вишокот пченица да се откупи за стоковите резерви, Владата со поддршка за домашниот род
Производителите на пченица сакаат државата за стоковите резерви да ги откупи количествата што им стојат во амбарите и да не се увезува. Од Владата информираат дека во моментов нема активен оглас за јавни набавки и ја нагласуваат поддршката за домашното производство...

Производителите од Пелагониско сакаат вишокот пченица што го имаат во амбарите да го откупи државата за стоковите резерви и да не се увезува од странство. Не прават проблем за цената, туку да се даде предност на домашното производство за да има пари за новото.
Од Владата велат – количествата пченица во државава се на задоволително ниво. Во моментов нема активен оглас за јавните набавки. За оваа година од буџетот се планирани 352 милиона денари за стоковите резерви, четири пати повеќе од претходните две години кога биле 80-тина милиони денари. Отаму, велат, преку Министерството за земјоделство, секогаш е на страната на земјоделците и апелира предност да се даде на домашните производители и на домашниот род на лебното зрно.
Асоцијацијата на земјоделците на Македонија ќе бара средба со Министерството за земјоделство за проблемот со недооткупената пченица која според нив е околу 5.000 тони.
Елизабета Митреска
